Извезуваме стручни, увезуваме нестручни работници

ДОДЕКА РАЗВИЕНИТЕ СЕ ВО ТРКА ПО ВИСОКОКВАЛИФИКУВАНА И КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА, НАШАТА ЗЕМЈА ЌЕ УВЕЗУВА НЕКВАЛИФИКУВАНИ РАБОТНИЦИ И НА ТОЈ НАЧИН ЌЕ ГО СПРЕЧУВА ИСЕЛУВАЊЕТО. ПЛАНОТ Е СО ПОВИСОКИ ПЛАТИ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР, ВРАБОТЕНИТЕ ОД ЈАВНИОТ ДА СЕ ПРЕФРЛАТ ВО ФИРМИТЕ

Тоа што владините министри најавуваат дека сме доведени во ситуација да увезуваме работна сила, иако не во секој сектор, туку онаму каде има потреба, не е ништо друго туку признание за промашувањата во услови на пазарна економија. Не е јасно како увезениот работник ќе ја чини државата помалку од домашниот и каде е тука долгорочниот сегмент.

Од друга страна прилично загадочно звучи планот на Владата за да ги одврати луѓето да се иселуваат, во ситуација кога никој ништо не знае за него. Ако тајната е во тоа што увозот на работници ќе овозможи нашите работници да се преориентираат на работни места каде платите се повисоки и подостоинствени, тогаш неопходни се дополнителни аргументи како и во кој период тоа ќе се спроведе. Друга работа е што светот увезува мозоци, а ние ќе се ориентираме на неквалификувана работна сила.

Опцијата наместо да се работи за минимална плата со стручно знаење во јавниот сектор, стручното лице лесно да може да се преориентира во приватниот, каде платите можат да бидат и над 40 отсто повисоки, поединци ја користат и сега. Но факт е дека огромното мнозинство сепак е за работа под државна капа, како помалку стресна и посигурна.

Сподели: