ФК „Слога 1934“ ремизираше против „Пелистер“

Сензационален бод на ФК „Слога 1934“ освоен против фаворитот „Пелистер“ од Битола, на стадионот „Филип Втори“ во Виница, во рамките на 23 коло од втората лига. Со овој нерешен резултат, 1:1, составот на Крсте Крстев покажа дека има квалитет, но тој доаѓа до израз тогаш кога фудбалерите играат растеретено и без грч поради опстанокот. Дека екипата има карактер покажа упорноста и борбеноста на виничани, кои и по водството на битолчани до кое стигнаа во првото полувреме, израмнија на неколку минути пред крајот на средбата. Тоа што веројатно е најважно за шефот на стручниот штаб Крсте Крстев, е што екипата одигра рамноправно со реномираниот противник и што има своја физиономија, што е гаранција дека бодови можат да се освојуваат и против други противници.

Инаку, натпреварот се одигра по влажен и лизгав терен, поради дождот кој врнеше во првите петнаесетина минути, што им ја отежна работата на фудбалерите. Па сепак фудбалерите на двете екипи одиграа квалитетен натпревар, интересен во текот на сите 90 минути и до крај возбудлив и неизвесен. За таквата игра на крајот добија заслужен аплауз од љубителите на фудбалската игра на полната трибина.

Судиската тројка предводена од главниот судија Никола Иванов солидно ја делеше правдата на зелениот терен иако домаќините во една ситуација бараа пенал, по фаулот над Ступиќ, кога од зад грб врз него стартуваше еден од одбранбените фудбалери на Пелистер.

Сподели: