ЗП Кочани домаќин на ревија на песни, музика и игри

Денеска во обновената сала на ЦК „Бели Мугри“ во Здружението на пензионери од Кочани беше домаќин на 21 Регионална ревија на песни, музика и игри, која ја организира Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. На оваа своевидна смотра на традиционалниот фолклор, која ја удостоија претседателката Станка Трајкова и претставници на СЗПМ,  учествуваа шест здруженија од општините Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница и градот домаќин Кочани. Пред музичките настапи, учесниците продефилираа низ центарот на Кочани, привлекувајќи го вниманието на кочанчани со традиционалните носии, музика и песни.

Потоа, во официјалниот дел, музички групи, вокални интерпретатори и играорци имаа на располагање подеднакво време за да се претстават со одбрана програма пред публиката во полната сала на „Бели Мугри“ во Кочани. Дека успеале во тоа потврдуваат долготрајните аплаузи по секој настап.

За оваа прва регионална ревија, претседателката на СЗПМ Станка Трајкова изјави:

-Со особено задоволство сакам да истакнам дека денеска сме во Кочани, домаќинот на 21-та регионална ревија на песни, музика иигри, бидејќи знам дека ќе присуствувам на одлична манифестација на фолклорот од страна на пензионерите од шесте општини. Ние 21 година ја негуваме оваа манифестација, која го одсликува наето минато, нашата традиција и нашето битие. Верувам дека меѓу овие фолклористи и друштва ќе имаме учесници на републичката ревија, а можеби на меѓународниот фестивал.

Претседателката на ЗП Кочани, Јелица Зафирова ги истакна огромните заложби околу организацијата на ревијата, за се да се одвива беспрекорно, а Кочани да се покаже како одличен домаќин на петте здруженија од регионот. Важни се настапите, но многу повеќе дружењето и позитивната атмосфера, кои буквално им го продолжуваат животот на луѓето од третото доба.

Регионалната ревија заврши со заедничко дружење на сите учесници, кои имаа можност да разменат искуства во делот на културно-забавниот живот, но и за актуелните состојби кои ги засегаат пензионерите.

Сподели: