ГФК „Осогово“ – ВТОРОЛИГАШ (СЕГА Е ВРЕМЕ СИТЕ ДА СМЕ „ОСОГОВО“)
Шампионот во третата фудбалска лига исток, ГФК „Осогово“ од вчера е дел од второто по квалитет фудбалско натпреварување во државата, единствената втора лига. Овој факт повлекува линија на сето тоа што до сега е направено и тоа што треба да се направи за иднината на фудбалот во Кочани и пошироко, бидејќи мора да се искористи како позитивна пресвртница. Успехот е можност сите фактори во градот, политички, стопански, спортски, индивидуални, поранешни и сегашни, да застанат зад клубот и да го подигнат фудбалот на највисоко ниво, како во времињата кога взаемната поврзаност беше нераскинлива.
На Осогово како второлигаш може да се гледа оптимистички и песимистички. Второто, кое значи дека клубот нема соодветен ростер на фудбалери за втора лига, нема финансиски средства, и нема моќно раководство, е најлесно и би значело кревање раце од клубот и се што носи фудбалската игра. Но оптимистичкото гледање е нешто друго. Е предизвик на кој Кочани може и мора да одговори. Тоа подразбира сеопфатна мобилизација на сите кои можат да придонесат за поорганизирано и посилно „Осогово“, според девизата што можам да му дадам, а не што можам да земам од клубот. Понатаму, дефинирање критериуми за стручниот кадар во клубот, за ангажирање на најдобрите засилувања на вистинските позиции, создавање атмосфера која ќе ја врати публиката на западната, но и на источната трибина… И не само на публиката, чија поддршка од влезниците е значајна, туку и на фирмите кои ќе го најдат својот интерес од маркетингшки аспект на рекламните паноа во полниот стадион на второлигашките натпревари.
Сето тоа поради фактот дека фудбалот реално е најважната споредна работа на светот, и истовремено е спорт, забава, бизнис, престиж и задоволство.