Поради советнички сомнеж, нема да има Младински културен центар

Ќе се претвори ли политичката заслепеност во сеопшто слепило, а младите во Кочани во заробеници на контрапродуктивните политички игри? Ова прашање само по себе се наметнува откако советниците од опозицијата не гласаа за иницијативата за формирање на Младински културен центар, како јавна општинска установа, која би придонела за остварување на локалниот интерес во културата од областите на издавачката, сценско-уметничката, филмската и галериската дејност, како и во дејноста на домовите на културата, дејноста за посредување во културата и во дејноста за управување со објекти. Причината за негласањето, како што беше истакнато од поедини советници, е во сомневањата дека ако се основа МКЦ тоа бо можело да значи нови партиски вработувања на млади и оптоварувања на буџетот на општината.

Што на тоа ќе речат младите и што граѓаните. Со таква логика на сомнежи и претпоставки Кочани никогаш нема да добие Младински културен центар, бидејќи во некое идно време, кога сегашната позиција ќе стане опозиција, хипотетички може да им се реваншира на своите политички противници, а тоа би значело долгорочно неосновање на оваа јавна општинска установа.

Едно е сигурно, со ваков „страв“ кај советниците, градот и општината наместо да одат напред, ќе стагнираат, а младите ќе фаќаат џенем по белиот свет, од преголема грижа на политичарите за трошењето на буџетските пари. Можеби затоа Кочани е таму каде што е, и неразвиено и неперспективно. Совет на Општина Кочани – и се е можно!

Сподели: