Наместо Закон и Фонд за медиуми – гаснење
И на истекот на 2023 година, медиумите останаа на маргините на интересот на власта, која и покрај најавите во неколку наврати, не успеа ниту да го стави на дневен ред, ниту да го донесе Законот за медиуми, ниту пак да основа фонд за медиуми, се со цел да ги поддржи и да им создаде какви-такви услови за нормална работа. Наместо тоа законските измени стојат некаде по фиоки, а најавените средства од 5-6 милиони евра, не стигнуваат до тие на кои им се насушно потребни. Како последица на таквата политика низ државата згаснаа неколку значајни телевизии и радија, кои не можеа да го издржат законскиот и финансискиот вакуум кој е присутен над пет години. Во 21-от век без локални телевизии останаа градови и Општини како Велес, Крива Паланка, Неготино, Гевгелија, Тетово (без локална телевизија на македонски јазик) и голем број други помали градчиња како Делчево, Берово, Виница… Тие што сеуште живуркаат, тоа го прават со минимални кадровски и технички капацитети, што негативно се одразува на квалитетот и содржините на програмите, а за што најмногу губат гледачите, односно јавноста.
До кое дереџе се доведени локалните и регионалните медиуми, посебно телевизиите во државата, најдобро зборува фактот што изобилството предновогодишни настани, во кои учествуваат главно дечиња од градинките и училиштата, остануваат непокриени и без можност да ги види пошироката публика на локално и регионално ниво. Покрај тоа аналитичко и истражувачко новинарство одамна нема, а се помалку ги има и дебатните емисии, документарки, репортажи, забавна и детска програма. За сето тоа некој е одговорен во оваа држава, иако тоа не како да не го засега никој.