ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО СО ЗАГАДУВАЊЕ
Не им е лесно на граѓаните, и не од арно се излезени да стражарат на деноноќна блокада на патот до Градската депонија. Проблемот кој ги натера на такво нешто е животозагрижувачки. Отровите кои со денови и недели се ширеа над градот и Кочанската Котлина, ја прелеаја чашата на трпеливоста и надежите дека загадувањето конечно ќе се реши и ќе запре.
Сега, кога Кочани го сврте вниманието на пошироката јавност во државата со протестите, со тешката механизација на популарната Бехтел и Енка, кога граѓаните не ги пропуштаат комуналните возила од Кочани, Виница и Зрновци, и кога овие општински центри и другите населени места се трупаат со смет, станува јасно дека проблемот бил голем и сериозен.
Но, одредени стратегии во борбата за чисто Кочени се покажуваат како контрапродуктивни, бидејќи се добива впечаток дека главното оружје во борбата против загадувањето – е загадувањето. Тоа произлегува од купиштата смет во и околу контејнерите и кантите на граѓаните, од кои веќе се шири непријатна, но и опасна реа, кој може да предизвика здравствени проблеми.
Одтука, се чини, потребно е координирано дејствување на сите засегнати страни, за најбезболно, најефикасно и долгорочно решение на проблемот. Нема потреба засегнатите и инволвираните страни, од една граѓаните, од друга одговорните во општините, да војуваат со своите аргументи, туку да ги фокусираат за да се стигне до целта. Наивни се коментарите секој градоначалник и општина да си го бере своето гајле, особено ако се знае дека европските стандарди за справувањето со сметот се преку регионални депонии, кои со сигурност ќе спречат постоење на мали несредени жаришта, подложни на палење, разнесување и загадување. Впрочем, треба ли да се потсетиме дека низ годините, кога ѓубрето од Виница и Зрновци не се носеше во Кочани, кочанската и виничката депонија чадеа и ги загадуваа населените места во трите, односно четирите општини.