Четири часа без струја и вклучи-исклучи …
ЕВН македонска или кочанска, денеска си поигра со трпението и нервите на грашаните во централното градско подрачје, поради ненајавениот прекин во снабдувањето се електрична енергија, кое започна од 12,30 и траеше се до 16.00 часот. Во меѓувреме, струјата неколкупати ги вклучуваше и исклучуваше компјутерските техники и апаратите на компании, институции и на граѓаните, предизвикувајќи штети од помали и поголеми размери.
На нашите прашања во што е проблемот и кога ќе се нормализира снабдувањето со електрична енергија, од дежурните служби за контакт со јавноста кратко ни беше одговорено дека се работи за дефект, но дека не се знае кога ќе биде отстранет и кога ќе протече струјата.
Ваквиот одговор не ни даде можност благовремено да ги информираме граѓаните кога можат да очекуваат повторно електроснабдување, за да ги планираат своите активности, а и да ги заштитат апаратите во домаќинствата.
Секаде во Светот за ваквите исклучи-вклучи игри се сноси одговорност, но не и кога е случај со ЕВН во Македонија. Кај нас единствена можност која им преостанува на граѓаните, доколку претрпеле штета, е низ долга судска постапка да докажуваат и да чекаат со месеци, евентуално да бидат обештетени.