Обичните луѓе бараат помош

Во најтешките моменти на првиот бран на Ковид 19 во Италија, еден од лекарите имаше изјава дека свесно жртвувале пациенти со мали изгледи за излекување, за да спасат што е можно повеќе од оние кои се по здрави. Можеби одредена форма на таков пристап се има и во локалните здравствени установи, бидејќи кога нема услови да се прифатат сите, некои се испуштаат неизлекувани, некои воопшто не се примаат и се упатуваат на домашно лекување, иако се тешки случаи, и нивната судбина со тоа е понеизвесна.

Во изминатите денови до вашиот новинар, се  обратија неколку сограѓани, кои прашуваа за совет што да направат за нивната мајка, или нивниот сопруг, заболен од Ковид 19, да биде примен во болница и хоспитализиран, односно да не биде отпуштен поради лошата здравствена ситуација. Во еден од случаите се јавуваа снаа, која инаку е од Пробиштипско, како и син и ќерка на пациент од околните кочански села, кој бил шетан од Општа болница до Штип и назад, но никој не сакал да го прими, иако како што велеа тие, свекрвата, односно мајката плачела и молела. Во друг, сопруга на возрасен сограѓанин, воедно и мајка на докторка, која заминала на работа во странство, молеше што да направи за да не го испуштат од болница сопругот, од страв да не умре, или да ја зарази и неа. И во двата случаја луѓето завршиле работа, откако се заканувале дека ќе повикаат телевизија и слично.

И затоа, една е херојската страна на медицинскиот персонал кој секојдневно се бори да спаси живот повеќе, од напливот на заболени пациенти. И тука никој нема резерва за пожртвуваноста на белите мантили, кои откако е Ковид кризата, знаат само за многучасовна тешка работа со куси периоди на одмор.  Но за жал, тука е и другата, негативната, кога понекогаш, за нечии судбини решаваат нехумани и неетички постапки.

Сподели: