До стан-со кредит или кирија
Какви времиња доаѓаат? Како да се испланира иднината? На кој начин да се реши проблемот со кров над глава? Тоа се дилемите кои најчесто го притискаат младиот човек кога зачекорува во семејните животни предизвици. И од тука дилемите, што е поисплатливо, дали да се купи стан на кредит или да се живее под кирија. Притоа, кешот е закон, ама кај нас се ретки тие што можат да си дозволат такво задоволство, односно да купат стан во готово и да спијат мирно, без стресови секој први во месецот да имаат доволно пари за да ја исплатат ратата.
Македонските граѓани, како и оние во опкружувањето, главно живеат на кредит. Сериозен минус на дебитните, и многу поголем на кредитните картички. Кредит за ова, кредит за она, ама кредитот за стан или семејна куќа е убедливо најстрашен. Прво поради каматите, потоа должината на исплата и трето, поради несигурноста на работните места. Сепак, со или без стрес, 90 отсто од становите во државата се купуваат на кредит. Во помалите места, како Кочани, работите стојат поинаку, бидејќи тука секој ќе се снајде некако, со продавање на некаков имот, наследени објекти и слично.
Вечната дилема е дали парите што се плаќаат за кирија, можат да отплаќаат месечни рати за станбен кредит. Реална претпоставка е дека кирија за стан од 50 квадрати во центарот на Кочани изнесува 150 евра месечно. Тој стан да се купи ќе чини околу 35.000 евра. Така, месечната рата за кредит пак би изнесувала околу 150 евра, доколку кредитот е на 30 години. Одтука, апсолутно не се исплати да се враќа кредит, додавајки ги плус високите камати на него. Придобивката е што по 30 години останува станот, но тоа е многу долго време-30 години. Од друга страна од плаќањето кирија не останува ништо. Како и да е, работа на избор е, но и на планирање.