Протекционизам и за вакцини против сезонскиот грип !?

Вработен во кочанско јавно претпријатие, хронично заболен, денеска се јави до новинарот со барање да се посети Општа Болница за да се видат и слушнат сите неправилности околу протекционизмот со вакцинацијата против сезонски грип. Како што наведе, нововработени во општината и други влијателни граѓани, преку ред се вакцинираат, додека хронично болни, кои би требало да имаат предност, се враќаат и се оставаат на чекање, иако нивното здравје е позагрозено отколку на другите. Револтираниот сограѓанин гласно прашуваше, каде се медиумите да ја посетат Општа болница за да видат што се прави таму. Луѓе плачат, молат и бараат да им биде пружена неопходната медицинска помош, ама за некои вратите се отворени, а за други не.

Ова е само едно од многубројните јавувања во последните денови во кои граѓаните бараат еднаков третман за сите пациенти, бидејќи животите на луѓето не смеат да имаат различна цена. Брачни партнери, родници, синови и ќерки, со паничен глас бараат помош на сите страни, па и од медиумите, сметајќи на нивното влијание и на влијанието на јавноста.

Инаку, државата иако со задоцнување, веќе увезе и е во фаза на увоз на 14.000 вакцини со кои бесплатно ќе се вакцинираат хронично болни, повозрасни граѓани и други категории со приоритет. Уште поголемо задоцнување е најавено за комерцијалните вакцини, околу 40.000, кои ќе стигнат во декември и ќе чинат 800 денари.

Сподели: