Свлечишта на патот кон Браната „Речани“
Доцнењето на активностите околу изградбата на Браната „Речани“ оставија преголем простор без соодветна грижа и одржување на пристапниот пат од месноста Мегдан до Оризарска река, па во изминатите години се појавија повеќе свлечишта кои ја стеснуваат асфалтната лента. Особено критично е во долниот дел на трасата, каде огромна количина на земја и карпи стојат на патот, оставајќи само една лента за сообраќај. Доколку изградбата на телото на браната започне наскоро и механизацијата почне да сообраќа, ќе биде неопходно да се отстранат стотиците кубици од свлечиштето и плус да се санира свлечиштето кое е подложно на понатамошно паѓање.
Проблемот на овој пат е што масовно се сечат шумите, особено над него, заради брз утовар, па создавањето голини прави ерозивно земјиште кое при пообилни врнежи се претвора во свлечишта. Тоа значи дека ќе бидат потребни значајни средства за да се санираат сите нарушувања и да се спречи понатамошно затрупување на делови на асфалтната лента. Дотолку повеќе што можат да се случат големи слизнувања на земјиштето и да направат оштетувања за чие отстранување ќе бидат потребни големи финансиски средства.