СОУ „Ѓ. Викентиев“ и ООУ„Н.Карев“ тужени за камата од околу 140.000 евра од „Авто Атом“
Тужбите против ОУ „Никола Карев“ и СОУ „Гошо Викентиев“ за задоцнетото плаќање на натрупаниот вкупен долг од околу 8,6 милиони денари за каматни побарувања, од страна на „Авто Атом“, денеска биле тема на разговор помеѓу градоначалникот Николчо Илијев и директорот на превозникот. За градоначалникот, барањето на камата е нефер потег на другата страна од повеќе аспекти.
Новонастанатата ситуација во текот на денот ја коментираше градоначалникот Николчо Илијев, кој истакна дека постои проблем во две училишта за превозот на ученици кои добиле налози за исплата на средства од камата, за долг од 2013 година. Долгот и каматата не се создадени од оваа гарнитура и раководителите на училиштата, туку се наследени, а ние ги подмиривме. Денеска во Општината разговаравме со директорот на „Авто Атом“ и реагиравме на некоректната ситуација. Можеби сопственикот правно и од бизнис аспект е во право, но кога ќе се направи анализа на се што се случувало тогаш, секако дека има место за разговор и договарање компромисно решение, на задоволство на двете страни.
Компромисот за Илијев, е најдобро решение бидејќи ситуацијата е вонредна поради Ковид 19 кризата, но и коректноста на Општината која за кус период му исплатила на Авто Атом 43 милиони денари, или околу 700.000 евра.
Меѓутоа, претставникот на „Авто Атом“ и денеска останал на своите барања за каматните побарувања, што значи дека за сега не е постигнат некаков компромис, поради што првиот човек на општината оставил проблемот да се решава со директорите на училиштата.
Телевизија Кочани дознава дека во текот на денот веќе се сретнале претставниците на раководниот тим на СОУ „Гошо Викентиев“ и на „Авто Атом“, но дали нешто е договорено, допрва ќе се знае.