Дивечот дека е, е дека е де …
Долги три години новоизбраната локална власт се обидува да покаже дека знае и може повеќе од претходната. Меѓутоа многу тешко, бидејќи еден навидум банален сегмент од практицирањето на јавното владеење, никако да добие разврска. Имено, откако по промената на раководството во Подружницата „Осогово“, на Македонски шуми, се утврди дека високотрофејниот дивеч одгледуван со децении, е испотепан, и се утврдила милионска штета, се очекуваше дека некој ќе и каже на јавноста кој и како го испразнил Резерватот, и дали има одговорни за тоа. Но, од очекувањата – едно големо ништо. И така …
Три години подоцна се најавува реконструкција на оградната мрежа, опремување на нова кланица за дивеч, набавка на елени и други зафати, што би требало да биде нов почеток за некогаш репрезентативното ловиште. Ама за секој почеток, потребно е време, потребни се години. А во пазарната економија времето е пари. Плус, кој гарантира дека некоја власт нема да си постави такви директори кои неконтролирани од никого, ќе го запустат и тоа ново ловиште, или Резерват, па балканците од Западен Балкан, ќе си останат засекогаш Балканци.