Сиромавиот двапати плаќа
Возилата со странски регистарски таблички, главно половни, ќе можат да се регистрираат во земјава со давачки намалени за 50 отсто, со што се очекува буџетот да се пополни во еден релативно кус временски период од една година.
Ако прашањето е кој ќе го полни буџетот, одговорот е, оние што досега не плаќале ништо, ама како награда ќе добијат екстра попуст да си ја завршат работата со половина од редовната сума. За сите други што досега редовно си ги плаќале сите давачки, нема попуст, ќе продолжат да си плаќаат стопроцентно.
На пример, оние што до сега си ги купувале колите во странство, во кеш, и таму ги регистрирале, а ги возеле по македонските патишта изградени од придонесите на нашите граѓани, сега со половични трошоци како награда, ќе можат да си ги легализираат и да продолжат да си ги возат тука. На ова, еко и бизнис стручњаците ќе речат, ајде ако буџетот треба да се полни, ама зошто мора и улиците да се полнат со стари дотраени возила и притоа на некој начин државата да го субвенционира кршот.
И уште едно прашањето: дали државата им помага на тие што го (зло)употребуваат двојното државјанство, а врз грбот на оние кои и се лојални и плаќаат се стопроцентно.
Да бевме побогати како народ, а и попаметни, наместо да се субвенционираат стари, граѓаните ќе се стимулираа да набават нови и еколошки возила. Ем пак буџетот ќе се полни, ем околината ќе ни биде почиста. Плус ќе се вклопиме во светските еко трендови и ќе добиеме нов возен парк. И да не ја заборавиме онаа – сиромавиот двапати плаќа.