Зошто Кочани е на опашката ?

Читателите на дневниот весник „Нова Македонија“ во деведесетите години, а подоцна и на локалниот весник „Актуелности“, сигурно се сеќаваат на написите од дописникот од Кочани, кој аргументирано ја критикуваше варијантата за железничко поврзување на Македонија и Бугарија, преку Куманово и Крива Паланка, како неоправдана и поскапа, во однос на Кочанската, кон Благоевград или Дупница, која од лични интереси ја избраа тогаш влијателните Тито Петковски, Љубисав Иванов и Бранко Црвенковски. Првиот за сметка на државните интереси да си ја заживее К. Паланка со се Псача, вториот Кратово, а третиот … Залудни беа укажувањата на стручњаците дека коридорите треба централно да се вкрстуваат во државите, од безбедносно стратешки, но и економски аспект, за што постоеја и анализи и документи.

Кога еднаш ќе го згрешите возот, ги грешите сите наредни железнички станици. Така и со коридорот Исток-Запад. Политичарите тогаш наседнаа на штелуваната пресметка дека пругата Куманово-Ѓуешево ќе биде за 20-30 милиони тогашни Германски марки поевтина од Кочани-Дупница. Првата, ако добро се сеќавам, беше проектирана на околу 120.милиони гм, а втората на 140.милиони. И што се случи. Победи „поевтината“, која додека биде целосно изгдарена, може да достигне до фантастична милијарда евра. Бидејќи само за наредната година се предвидува во неа да бидат инвестирани околу 600. милиони евра, и тоа без евентуалните анекс-договори и експропријации кои би произлегле при градежните зафати. Тоа го велат физибилити студиите.

Фатен во канџите на актуелните политички случувања со Бугарија, првиот човек на транспорт Бочварски, разбирливо нема што друго да каже освен дека астрономската цена, „ќе се оправда бидејќи на земјава и треба вакво регионално поврзување, а особено бенефит ќе имаат македонските компании за полесен транспорт на стоките“. Хм. Пругата преку Кочани директно и индиректно ќе поврзуваше 19 општини, за разлика од Кумановската со само седум-осум општини. Да не се враќаме на инцидентот кога Србија во тие историски превривања, го запоседна Чупино Брдо, од кое со една стркалана карпа можеше да ја прекине пругата, односно коридорот. Значи и безбедносно стратешки-„нажалост криво“, или ако сакате, погрешно.

Проектно гледано,пругата преку Кочани, Виница, селото Бигла, потоа Делчево и до Бугарската граница, е многукратно полесна и поевтина за изградба. А за Куманово-Ѓуешево само на втората и третата делница има 91 мост кои треба да бидат изградени, и 32 тунели кои треба да бидат пробиени. Дури и самиот граничен премин се наоѓа во тунел, што значи дека се работи за комплексен и тежок проект. Тоа значи дека некои политичари државата ја доведоа во ситуација да инвестира во рекордно најскапа капитална инвестиција во земјава. Зошто ??? А со тие пари Македонија можеше да направи многу други капитални објекти. Меѓу нив и Акумулацијата „Речани“, која како што стојат работите, ќе ги чека пругата, Браната Отиња, и многу други за кои некои излобирале. Затоа Кочани и со оваа власт е таму каде што е. На опашката … Можеби затоа што само шминкаме улички и згради, наместо да освојуваме крупни капитални проекти.

Сподели: