Предистражна постапка против двајца виничани и амбуланта за лажни тестови за Ковид 19
Случајот за кој пред извесно време се зборуваше, а се однесува на продажба на лажни тестови за корона вирус, главно на повозрасни лица во Виница, деновиве доби обвинителен епилог. Имено, кочанското јавно обвинителството по допрен глас оформил предмет за две лица и една приватна здравствена установа во Виница, за лажни тестови за коронавирус кои со измама им ги правеле на граѓаните, посетувајќи ги во нивните домови. Засега се чека какви резултати ќе даде вештачењето, меѓутоа, предметот кој е во предистражна фаза, се работи по забрзана постапка.
Двете лица и приватната здравствена установа се осомничени по член 210-а, од Кривичниот законик, за незаконско земање и користење на генетски материјал.
35-годишникот и 46 –годишникот од „клиентите“ наплаќале по 1.000 денари за наводниот тест, при што на жртвите им давале стапче и лента за сами да си земат брис од носот и од грлото. Применувале и друг начин, а тоа е пациентите сами да си земат крв и да капнат врз пластична лента, на која се појавувале една или две линии, кои потврдувале дали некој е позитивен на Ковид 19, или не. Ваквите тестови се многу слични на тестовите за бременост.
Претходно, на 12 ноември полицијата соопшти дека е разбиена група од Виница која незаконски продавала лажни тестови за ковид-19. Двете лица и приватната установа нуделе и продавале несоодветни брзи тестови, а по полициската акција се осомничени за незаконито земање и користење генетски и биолошки материјал.
Во рамките на истрагата биле извршени претреси на повеќе локации, а во еден од нив, во домот на 46-годишниот виничанец, биле пронајдени седум ќеси со натпис „ковид чек ТМ“ и едно шише од 2 милилитри со течност со назив „буфер“.