Општината удри по фирмите и граѓаните
Откако во текот на вчерашниот ден општинските финансиски службеници им ги блокирале сметките на фирми во банките во Кочани по основ на неплатени обврски за комунална такса и данок на имот, денеска информативната служба излезе со Повик за подмирување на даночниот долг кон Општина Кочани.
Во него се вели: Општина Кочани ги повикува даночните обврзници да ги подмират заостанатите долгови за комунална такса и за данок на имот.
За неплатени обврски до 2019 година за комунална такса, Општина Кочани има законска обврска да ги блокира сметките на правните субјекти, како и на физичките лица за неплатени обврски до 2017 година. Прашањето е, дали „задоцнетиот“ повик за едни е превентивен, а за други задоцнет, бидејќи средствата веќе се повлечени, и плус „казни“ за блокада на сметката и други трошоци.
Сето тоа се случува во време кога поради Ковид 19 кризата, и фирмите и граѓаните се во исклучително тешка финансиска состојба и секојдневно се борат да опстанат и преживеат.