Македонска магија-печалат 200, трошат 400 евра
Само за покривање на основните потреби, без кои би требало да не се може, едно четиричлено смејство месечно треба да има буџет од 33.740 денари. Со таква пресметка излезе Сојузот на синдикати на Македонија за месец ноември, креирајќи скромна потрошувачка кошничка, колку да се преживее.
Од вкупната сума 14.150 денари, или 41,93 отсто на семејството му се потребни за исхрана и пијалоци, 10.800 денари, односно 32 отсто за домување. За одржување на хигиена му се потребни 2.370 денари или 7 отсто, за превоз 2.460 денари или 7 проценти, за облека и обувки 2.160 денари, односно 6,5 отсто, за култура 1.000 денари или 3 отсто, а за одржување на здравје 720 денари, односно 2 отсто.
Во услови кога просечната нето плата во земјава во септември изнесувала скромни 27.400 денари, станува јасно дека едно семејство со само еден вработен не може да си ја обезбеди неопходната егзистенција. Особено ако се има во предвид дека во текот на месецот и годината се појавуваат многу други редовни и непредвидени трошоци, како што се издатоци за ученици и студенти на школување во други места, но и многу други „расфрлања“ со пари за современите електронски и информатички уреди, без кои не се може. За одржување и возење на едно или две моторни возила, кои се неопходни, да не зборуваме.