Еко-скандал: Галовеј ни го виде ѓубрето
Своевидна доза на еко-скандал ја одбележа денешната посета на амбасадорката на обединетото кралство Рејчел Галовеј, на Пониква, каде непосредно покрај паркингот околу контејнерите стоеја расфрлани купишта смет. Тешко дека слаткоречивоста на градоначалникот Илијев ќе и ја избрише грдата слика на високата гостинка, која посака пак да дојде на Пониква.
Движејќи се по асфалтниот пат кон Инфо центарот на Пониква, амбасадорката на Обединетото кралство Рејчел Галовеј, мораше да помине покрај купот од ѓубре расфрлано до самиот паркинг пред Одморалиштето и неизбежно да ја забележи грдата слика, воедно и нашиот срам. А сигурно непријатно чувство и мисла му поминале низ глава и на инаку, педантниот градоначалник Илијев, кој сигурно посакал гостинката да гледа на спротивната страна.
Колку чини пословичната неодговорност на граѓаните и на одржувачите на хигиената веројано тешко може да се процени и пресмета, меѓутоа ако се има во предвид каков впечаток оставаме кај тие од ЕУ кон кои се стремиме, излишно е да се коментира. Кога го забележала купот смет на доаѓање и на заминување од Пониква, амбасадорката сигурно си го поставила прашањето, како да барам некој да инвестира во средина која ја карактеризира основна нехигиена и негрижа за природата.
Веројатно впечатокот, кога е во прашање, сметот, не и се подобрил ниту кога на враќање ја забележала градската депонија, од која излегуваат камиони и со себе ја истураат калта од тркалата на асфалтот по кој поминало дипломатското возило на амбасадорката.