На Амбасадорката на Обединетото Кралство и се допадна Кочани

Денешниот работен ден на Амбасадорката на Обединетото Кралство во РС Македонија, Рејчел Галовеј, започна со средба со градоначалникот Николчо Илијев, во Инфоцентарот на Пониква, каде двајцата соговорници разговараа за функционирањето на Општината од стопански и економски аспект, за реализацијата на проектите, како и за справувањето со Ковид 19 кризата. По разговорот Илијев и Галовеј за Телевизија Кочани ја дадоа изјави.

И благодарам на Амбасадорката Галовеј за првата посета на Општина Кочани, откако сум јас градоначалник, и се надевам нема да биде последна, бидејќи има многу заеднички искуства кои можеме да ги споделиме, рече Илијев. Се надевам дека ќе има што да им каже на инвеститорите во нејзината земја, од кои очекувам интерес за вложување во профитни капацитети.

Изразувајќи благодарност за срдечниот прием, амбасадорката Галовеј истакна дека слушнала добри работи од градоначалникот за развојот на општината и на планинскиот туристички центар и додаде:

-Ми причинува задоволство да слушам за успешно реализирани проекти, иако политиката не е ваша силна страна, и верувам дека ќе продолжите така и понатаму. Имате убави планови за Пониква што е добро за развојот на туризмот. Посакувам да слушнат добри вести и од средбите со советниците и со бизнисмените. …

Амбасадорката изрази подготвеност приватно, заедно со семејството да ги посети Кочани и СРЦ Пониква.

Покрај оваа средба, Амбасадорката Галовеј денеска се сретна и со претставници на советничките групи кои партиципираат во Советот на општината, за да добие што пообјективни и посодржајни информации за неговото функционирање.

Високата гостинка од Обединетото Кралство ја посети и фабриката за преработка на ориз-Даниво, со цел да се запознае со производниот процес, бидејќи оризот е земјоделско обележје препознатливо за Кочани.

Сподели: