За дочеците на Нова Година

Бидејќи пандемијата е причината за драстичната промена на дочекот на Нова Година, вреди да се направи една ретроспектива како во минатото, како до лани изгледаше сето тоа. И да се постави прашањето, што се добив а што се губи со тоа.

Меѓу нас има луѓе што ќе речат, а кој кажа дека Новата година треба да се пречекува со луди прослави и забави? Кој, кога и како го наметна сето тоа. Дали можеби лагодниот социјализам, кога како што велат возрасните, течеше мед и млеко. Што носеа и што донесоа таквите пречеци.

Еве еден општ осврт на незаборавните дочеци на 1980, на 1990, на 2000-та година. Резервирање место во тогаш престижниот Мотел Градче уште на почетокот на декември, за прва и втора вечер, по цена од 2.000 – 3.000 денари. Претставничките на поубавиот пол со денови бараа соодветна модни парчиња да се дотераат од глава до пети. Мажите купуваа костими, чевли и вратоврски. По едномесечни планирања, спремања и трошења, доаѓа најлудата вечер во годината. Во рестораните секогаш маса-две повеќе од вообичаено, што е причина помеѓу дотераните да нема игла каде да падне. Ора, песни, рокенрол, танцови, се до раните утрински часови. Вечера?. Ма кој е дојден за вечера. Алкохолот е на прво место.

Потоа, стана модерен дочекот во туристички метрополи во странство, па се уплатуваа аранжмани по хотели, од соседството па се до Рим, Париз, Дубаи. Секако, за оние со подлабок џеб.

На младите во претходниот милениум не им доликуваше Нова Година да ја прославуваат во ресторани, па закупуваа поголеми простории или се собираа по дома, и се во име на големи количини алкохол и луда музика.

Утрото, на Први јануари, првата задача на новинарите им беше да ја информираат јавноста колку труења од алкохол евидентирала Брзата помош. Колку интервенции имала сообраќајната и патролната полиција.

И како сето тоа да не е доволно, па ајде на прослава и на втората Новогодишна ноќ. Нешто поевтино, за посиромашните, но доволно за фалење дека била подобра и повесела од првата.

Од славење, родители, деца, пријатели, не се видуваа по два-три дена за да си честитаат.

Затоа, од таков аспект гледано, можеби дочекот на 2021 ќе биде посреќен од сите претходни. Тоа што на друг начин никој не можеше да не натера да ги смениме навиките, Пандемијата не натера без право на приговор.

Е па, бидете позитивни, живи и здрави и Среќна ви Нова Година – 2021-ва.

Сподели: