Со „теренци“ ја изорале ски патеката
Дека за модерен зимско-туристички центар, не се доволни само пари, опрема и снег, туку потребна е и култура, потврди дивеењето на неколку сопственици на теренски возила, кои кога го виделе долгоочекуваниот снег на Пониква, побрзале да ги пробаат своите миленици на четири тркала во лизгави услови, веројатно натпреварувајќи се кој повисоко ќе искачи и ќе се докаже на ски-патеката. Притоа, практично ја преорале и ги испомешале снегот и калта. Во ноќните лудории не ги спречила ниту оградата.
За да ја започне долгоочекуваната ски-сезона, концесионерот Благој Манев организирал утринско рамнење на патеката и посипување со снег, за првите скијачи денеска да можат да ја користат за скијање. Веќе во претпладневните часови е објавено дека патеката, заедно со реконструираните ски-лифтови е оспособена и ставена во функција на скијачите, кои ги направија првите спустови. Сепак сончевото и релативно топло време не им оди во прилог на љубителите на зимските спортови и рекреативни активности, бидејќи придонесува за забрзано топење на снегот, кој и без тоа го има во мали количини. Тенката покривка е причина да не се стави во функција и побрзата патека кај ски-лифтот број Три, која ќе чека многу подебел снег.
Инаку, двата Ски-лифта беа реконструирани пред Новогодишните празници со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка, во износ од близу пет милиони денари, а во инфраструктурата инвестираше и Општина Кочани.