Парцелите за фотоволтаици носат милиони
Со продажбата на шест од вкупно осум градежни парцели за фотоволтаици, кои Општина Кочани ги објави за отуѓување уште во ноември, минатата година, општинската каса ќе се наполни за значителна сума на средства. Неофицијално на јавното наддавање е постигната цена три ипол пати повисока од почетната од 200 денари за м2, или парцелите се продадени по околу 700 денари за м2. Актуелности.мк дознава дека сите шест парцели ги купила фирма на Анѓушев, која понудила највисока цена на наддавањето. Неофицијалните пресметки велат дека во буџетот од оваа трансакција на државно земјиште ќе се слеат над еден милион евра.
Фотоволтаичните централи ќе бидат со капацитет до 1 мегават, а парцелите се наоѓаат во Катастарската општина Тркање и се со површини од 18 835 до 24 130 м 2 . Според постигнатата просечна цена општината ќе инкасира над едем милион евра. Освен тоа, од продажбата на преостанатите две парцели, со вкупна површина од над 40.000 м2, се очекува дополнителен прилив на средства, кои уште повеќе ќе го поткрепат буџетот.