Вселени првите лопатари во ЛР „Полаки“

Со три елени лопатари, набавени од Ловниот резерват кај Гевгелија, одговорните во Ловиштето „Полаки“ на Осоговските Планини, го започнаа населувањето со трофеен дивеч на оваа некогаш најатрактивна дестинација за ловците од државата и надвор од неа. Набавката на елени лопатари ќе оди етапно, како ќе се заловуваат во тамошното ловиште, кое покрај кочанското обезбедува елени и за други резеравти. Истовремено се договара набавка и на горски елени, кои треба да бидат увезени од Бугарија, со што речиси празниот кочански резерват ќе започне да се развива во збогатувањето со високотрофеен дивеч, главно елени и диви свињи.

Народот вели, куќа се урива за еден ден, ама се гради цел живот. Така и со некогаш престижниот ловен Резерват кој изобилуваше со елени лопатари, горски елени, срни, муфлони и дива свиња, меѓутоа неодговорни раководители буквално за само година-две ги истребија, оставајќи целосен пустош. Обновувањето на дивечот во оградениот простор сега ќе оди бавно, и ќе бидат потребни години, веројатно и децении, за да се достигне оптималната бројност.

Паралелно со набавката на дивеч, се одвива и поставувањето на нова оградна мрежа околу ловиштето, која треба да ја подобри заштитата од предатори, на четири, но и на две нозе. Освен тоа ќе се спречи и излегување на елените во слободните ловишта, каде се лесна мета на ловците и на волците. Од Подружницата Осогово најавуваат дека ќе биде изградена и друга неопходна инфраструктура за современо функционирање на ловиштето. Ќе се опреми и модерна кланица, која ќе опслужува и други резервати во регионот, заради квалитетна преработка и складирање на месото, што ќе се реализира со странска донација.

Сподели: