Жално е за Пониква

Народниот мудрец не случајно рекол: при две мајки-детето килаво. Таква некаква е судбината на Пониква, спортско-рекреативен центар кој еден планински пат ја дели на две општини, Кочани и Пробиштип. Од десната страна, каде што е некогашното детско одморалиште и ски лифтот број еден е на Кочани, а левата страна каде се угостителските објекти, централните викендички и ски лифтот број 3, заедно со касарните, е на Пробиштип. Меѓутоа, и покрај поделеноста, се добива впечаток дека за се овде се грижи Општина Кочани. Реконструкцијата на патот и на ски лифтовите, додавањето нови содржини, па дури до чистењето на сметот, е на иницијатива и истрчано од кочанските фактори.

Најголемиот проблем на Пониква, кој го кочи нејзиниот понатамошен развој е урбанистичкиот хаос, посебно на Пробиштипскиот дел, каде во изминатите децении „со врски“ се издаваа градежни парцели за викендички и сместувачко угостителски капацитети, кој каде ќе посака. Така просторот, или голината од паркингот до Манастирот Св. Василиј Велики, кој практично е папокот на рекреативниот центар, се стесни, се огради и се претвори во паркинг. Локални бизнис моќници изградија објекти до самиот пат. Тука повеќе не можат да го газат снегот ниту родители со деца и санки, ниту млади посетители. Дури и асфалтниот пат кој води до Манастирот, е катастрофално решение кое го нагрдува природното на Пониква. Наместо сето тоа, просторот помеѓу двата ски лифта, во широчина од стотина метри, долж билото, требало да остане пешачко рекреативна зона.

Иако подобра, не е розова состојбата и на Кочанска страна, каде на централниот паркинг стојат контејнери преполни со смет, десно од патот се издадени парцели за сместувачко-угостителски капацитети. Но …

Прашањето е што понатаму и во кој правец може и треба да се развива Пониква. Дали можеби решението не е лево од Аеродромот, по голите врвови, но и падините на северната страна?

Сподели: