Знамиња се менуваат, поделбите остануваат

Топ вест на годината. Кочани ќе ги менува грбот и знамето. По само десетина години важност на „вмровските“, наскоро на сила ќе дојдат „сдсмовските“ општински симболи. Небаре се партиски обележја на успеси, или симболи на политичка победа. Некогаш за знамето се гинело, паѓал покосен од куршум еден, го земал друг знаменосец. Денеска тоа како да е играчка со која си поигруваат едните, додека се на власт, па потоа другите. Или можеби новите знаме и грб ќе бидат надпартиски !?

Ако првично, сега веќе извесно старите симболи, по нешто ќе се разликуваат од новите, е што за првите, на авторот Стојенче Величковски, член на Македонското хералдичко здружение, му беа платени по 6.000 денари, за новите победникот ќе добие по 10.000 денари. И се така прогресивно, по некоја година пак нов конкурс, нови решенија и нови поголеми пари, додека не најдеме заедничко знаме и грб … (Добро е што химната на градот „Кочани, граду мој“, која беше усвоена во 2010 година, засега никој не ја дира)

Значи конкретно, на дневен ред на наредната 53 седница на Советот на Општина Кочани, меѓу 33-те точки се и „Конкурс за изработка идејно решение за изменување на грбот и знамето на Општина Кочани“ и „Предлог одлука за формирање на комисија за утврдување предлог за изменување на грбот , односно знамето на Општина Кочани“. Тоа значи дека по десетгодишна употреба ќе се менуваат и грбот и знамето. И логично е, како што тогаш, кога се усвојуваа со тогашното мнозинство во Советот, така и сега новите решенија да поминат според вољата на актуелната позиција. (Не знам зошто, за такви одлуки од интерес на граѓаните, не се предвиди двотретинско мнозинство или дури апсолутно?)

Иако на седницата, во текот на расправата, веројатно ќе се слушнат мотивите за промената и контрапромената на симболите, до сега нема некакво стручно или друго образложение, ниту пак анализа, кое е значењето на истите во сегашната форма и содржина, што е добро а што не, и што се бара или очекува од новите решенија. Башка што граѓаните и претходно и сега, никој не ги запраша, какви симболи сакаат, дали постоечките се добри или не, дали и кога треба да се менуваат, и т.н.

Тоа што е извесно, е дека по 53-та седница ќе почне постапката за нови симболи, и градот за некој месец ќе добие нов грб и ново знаме. Да, градот ќе добие. Но што правиме со граѓаните. Дали новото знаме ќе го веат само блиските до позицијата, а старото педантно ќе го здиплат и чуваат оние од опозицијата, за кога ќе дојдат на власт, повторно да си го изгласаат, да го извадат, испеглаат и да го кренат на јарболите?

И навистина, што се случува во вакви ситуации со старото знаме и грб. Дали ќе останат барем во Музејот на Кочани како реалност на еден период, или ќе ги снема, бидејќи се сведоци на едно време кога друг бил на власт.

Како и да ја свртиш работата, на нас не ни требаат Грците за да ни го менуваат знамето. Ние самите сме си доволни да не си ги почитуваме највредните симболи, и како два различни народа, едните да стојат мирно пред едни, а другите пред други, во една иста општина.

Деновиве ја читам колумната на почитуваната Катерина Блажевска, за промената на имињата на улиците низ Скопје, под наслов Улица „Безделничка“ б.б., каде таа на крајот им остава на читателите да одлучат пред чија врата ќе стои Улицата „Уличарска“, или „Безделничарска“. И бидејќи ми се допадна препуштеното самоопределување на читателите, и јас ќе оставам тие да одлучат кој грб е нивни и кое знаме гордо ќе се вее над нивните глави, кога некој веќе ги ставил во ситуација да бираат, или ако сакате, да се делат.

П.С. Инаку, јас мислам дека најдобро знаме, прифатливо за сите може да биде Белото знаме. Нема партиски бои, а понекогаш може да има и некои други значења … И бидејќи нема цртање и боење, нема и награда за предлагачот. Затоа – Бело.

Сподели: