Оставени сами на себе, конфекциите затвораат капацитети и отпуштаат вработени
Текстилната индустрија во источниот дел на државата дефинитивно лани и на почетокот на годинава го трпи најсериозниот удар, од сите аспекти, а по основ на Ковид кризата. Лани на пример, се загубени близу 7000 работни места токму во овој сектор.
Списокот на општини во кои работодавците отпуштиле најголем број текстилци, на кој високо котираат Кочани, Струмица и Радовиш, го предводат Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Проблем е што пораснал и бројот на млади до 29 години што останале без работа. Уште поголем е што неколку конфекциски фирми во кочани најавуваат дека не можат уште долго да ја издржат кризата и дека се пред затворање на капацитетите и нови отпуштања на вработени. Отпуштањето на работниците најчесто оди преку спогодбени откази што особено се случувало во првата половина од минатата година.
Очекувано овие превирања во текстилството најмногу ќе го погодат истокот од државата, меѓу кои и општините Кочани и Виница, бидејќи голем процент од текстилните фабрики се лоцирани во овој регион.
Работодавачите, сметаат дека ако прекине владината субвенција на плати може да следи нов бран на отпуштања. Единствен начин да се задржат работните места е да се продолжи оваа мерка што ќе им овозможи на текстилните работници да го преживеат периодот на затвореност сметаат од „Кластерот за текстил во Штип.
Според проценките на компаниите кризата би можела да потрае до мај, но бизнисот бара Собранието што поскоро да го донесе последниот сет мерки каде се предвидува субвенција на платите. Текстилството вработува над 30.000 луѓе во државата, а во вкупниот извоз учествува со 10 проценти.