Кој (треба да) се грижи за спортот во Кочани?

ВО МНОГУ ПОСИРОМАШНИ ГОДИНИ СПОРТОТ И СПОРТИСТИТЕ БЕА ВО ЦЕНТАРОТ НА ЗБИДНУВАЊАТА ВО ОПШТИНАТА. СЕГА ВО ВРЕМЕ НА ПРОЕКТИ И БИЗНИС БОГАТАШИ, КЛУБОВИТЕ ЗГАСНУВААТ КАКО ДА ГИ ЗАФАТИЛА НЕИЗЛЕЧИВА ЕПИДЕМИЈА, ШТО НЕ Е ПОСЛЕДИЦА САМО НА КОВИД КРИЗАТА. НАВИСТИНА, КОЈ И КОЛКУ СЕ ГРИЖИ ЗА СПОРТОТ ВО КОЧАНИ?

Што се случува со спортот во Кочани? Дали наместо спортски клубови, многу брзо ќе остане само стратегијата за спорт, како документ од кој до практична реализација треба да се помине долг пат. Деновиве објавените фотографии од салата на БК „Спартак“ оставаат морничав впечаток и сведочат дека некогаш најтрофејниот клуб во општината заминува во историјата. Во меѓувреме, згаснаа или се во некаква фаза на мирување два фут сал клуба. Од подамна е згаснат женскиот фудбалски клуб, екс-прволигашот „Младост МИС“ од Оризари. Ги нема и многу мали клубчиња, кои своевремено се појавуваа и брзо исчезнуваа. Како спортот во Кочани да е промашена дејност, па секоја иницијатива или идеја, однапред да е осудена на пропаст.

За тоа каква е ситуацијата со спортот во Кочани можеби најдобро зборува фактот што годинава е прекината една долгогодишна традиција, изборот на спортист за 2020 година. Причината за тоа не е само во Ковид кризата, туку проблемите во спортот се многу подлабоки. Градот како да нема ниту интерес, ниту стратегија да вложува во развојот на спортот и натпреварувачкиот дух кај младите, што практично е најисплатлива инвестиција, но во земји и средини каде многу пошироко и долгорочно се гледа на ефектите. А ни најмалку не како во Кочани, каде на инвестирањето во спортот се гледа како на фрлени пари, бидејќи инвестираните средства не се враќаат веднаш и со пресметана добивка.

Поради таквите состојби младите се почесто ќе се соочуваат со проблеми со телесната тежина, со физичката пасивност и предолгите седења пред компјутер или во кафулиња, со намален натпреварувачки дух, со инфериорност кон нивните врсници од други средини во државата и надвор од неа, и така натаму. Ќе немаат фудбалски, кошаркарски, ракометни, боречки и други идоли, кои ќе ги тераат напред и напред.

Сподели: