130 заболени за 8 дена, 18 починати за 18 дена
ДУРИ 130 НОВОЗАБОЛЕНИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ОСУМ ДЕНА РЕГИСТРИРААТ СЛУЖБИТЕ КОИ ЈА ТРЕТИРААТ КОВИД 19 ПАНДЕМИЈАТА ВО ОПШТИНА КОЧАНИ. ПРИТИСОКОТ ЗА КРЕВЕТ, ШТО ЗНАЧИ И КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА И ТЕРАПИЈА, СЕКОЈДНЕВНО СЕ ПОСИЛЕН. ПИКОТ НА ТРЕТИОТ БРАН ДОПРВА ДОАЃА, А ВАКЦИНАЦИЈАТА СЕ ОДВИВА БАВНО. ЗА 18 ДЕНА ЕВИДЕНТИРАНИ 18 ПОЧИНАТИ.
Ако според извештаите во Кочани секојдневно се евидентираат по дваесетина новозаболени од Ковид 19, или само во последните осум дена бројката достигна 130 новозаразени, тогаш логично е што капацитетите на здравствените установи во Кочани, Штип и Скопје, се под огромен притисок на пациенти и буквално се чека и бара кревет повеќе. Модуларната болница во овдешната здравствена установа, Инективното одделение и другите прилагодени одделенија во двата града со денови се пополнети со тешко заболени, кои користат кислородна поддршка и примаат комплексна и интензивна терапија за лекување на подмолната болест. Здравствениот систем во регионот практично е на граница на одржливост, како од капацитети, повеќе од соодветен стручен кадар, кој недостасува за пружање квалитетна здравствена услуга, која најчесто живот значи. Гужви се создаваат и пред одделенијата каде се врши компјутерско снимање, односно рентген на внатрешните органи од организмот, како и во лабораториите во кои се вршат анализи на крвта.
Проблемот го усложнуваат предвидувањата на здравствените стручњаци дека пикот на третиот бран на пандемијата се очекува до првата декада од април, што значи многу нови заболени од Ковид 19. Уште повеќе што процесот на вакцинација, како што стојат работите, ќе оди бавно и во оваа фаза нема значително да влијае на намалување на ширењето на заразата. А тоа само по себе го наметнува прашањето, уште колку животи ќе бидат загубени во борбата со Корона вирусот. Особено, ако се знае дека за 18 дена се регистрирани 18 жртви, кои починале како последица на Ковид компликации.