Каде заглави реализацијата на 1,3 милиони евра вредниот Спа центар „Аква“ ?

ПО МИНАТОГОДИШНИТЕ АКТИВНОСТИ ЗА АКТИВИРАЊЕ НА СПА ЦЕНТАРОТ „АКВА“, СО КОНКРЕТНИ РОКОВИ, УСЛЕДИ НЕОЧЕКУВАНО ЗАТИШЈЕ И МОЛК ОКОЛУ РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА ОВОЈ КАПИТАЛЕН ПРОЕКТ, ВРЕДЕН 845.000 ЕВРА. ОВОЈ ИЗНОС ГО ОПТОВАРУВА И ПРОЦЕНЕТАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА АКТУЕЛНИОТ ЗАКУПЕЦ ПРОЦЕНЕТА НА 488.000 ЕВРА.

Што се случи со Огласот за прибирање понуди за инвестирање во Спа центарот во рамките на Спортско-рекреативниот центар Аква, кој уште во јули минатата година го објави општинската администрација, за потоа да настапи целосен молк околу овој капитален проект, кој меѓу другото значи и ефектуирање на геотермалните води ? Тоа што е чудно е што за него никој во општината ниту се интересира, ниту јавно прашува,  вклучително и советниците. А се работи за комплекс чија проектна вредност е пресметана на 845.000 евра, оптоварена со проценети додатни 488.000 евра инвестирани од актуелниот закупец, а потврдени од овластен проценител.  

Инаку, физибилити студијата покажала дека инвестирањето во конкретниот објект е економски и финансиски исплатливо, по што согласност дал и Советот на Општина Кочани, како предуслов администрацијата да го објави Огласот, со цел да се пријават заинтересирани инвеститори и да се слушне нивниот став. Лани, во првата фаза од постапката ниту еден правен субјект не пројавил интерес, што може да биде последица на високата проценка од безмалку половина милион евра.

Вкупната проценета вредност на договорот за јавно приватно партнерство изнесува 1 милион и 330 илјади евра, а времетраењето е димензионирано на 30 години. Минималниот износ на надоместокот што приватниот партнер би требало да и го плаќа на Општината изнесува 10 илјади евра годишно. Битно за потенцијалните инвеститори е тоа што за користење на геотермалната вода, идниот инвеститор ќе мора да склучи дополнителен договор за количини и цени со КЈП “Водовод“. А рокот за изградба на спа центарот беше определен на три години од денот на склучување на договорот. 

Сподели: