Време е за ладни глави, внимателност и одговорност
По само неколку дена од „конструктивната средба“ на градоначалникот со првите луѓе на ПДПР и други Ромски здруженија и организации, крајно сериозен инцидент се заканува да го наруши соживотот помеѓу двете заедници, кои со децении градат и негуваат мошне добри односи. Особено поради тоа што некој побрза на протестите на загрозените и загрижените граѓани од трите населби, да им припише партиска позадина. Демек, опозициската партија стоела зад протестите.
Крајно време е некој во градот да свати дека се играат опасни игри, кои можеби сега се во зародиш, но многу брзо можат да букнат како огнена стихија. Тоа што веќе има скршени глави, раце, нозе и посекотини, штом плачат деца, но и мајки и родители, значи дека во општината се случуваат големи па дури и страшни нешта. Евентуалното прикривање или минимизирање на отворениот судир, може да биде само контрапродуктивно, бидејќи доколку сега нешто помине туку-така, веќе утре ќе се повтори.
Посебна улога, првенствено негативна, во целата ситуација играат неконтролираните коментари, закани, навреди и омаловажувања на социјалните мрежи. Надлежните институции примарно треба да дејствуваат токму тука, бидејќи од тој правец доаѓа и долевањето бензин на потпалениот оган. Оти, ако сега се исплашени поединци и семејства, многу скоро може да се случи од разгорувањето да се тресеме буквално сите, а само насилниците и тие што ги поддржуваат, или штитат, да профитираат.