Одложениот протест, и индициите за тензии, не ги решаваат проблемите
Жителите на населбите Трајаново Трло, Усова Чешма и Шатровик со писмено соопштение ја информираат јавноста дека закажаниот мирен граѓански протест, кој денеска требаше да се одржи во Градскиот парк во Кочани – се одложува на неопределено време поради индиции за тензии од меѓуетнички размери. Тоа го соопштија тие што во изминатите денови некој побрза, поради само еден непримерен и по многу нешта испровоциран случај, (за кој нема оправдување), да ги обвини дека се „тепачи на малолетни деца“, иако сите во овој град знаат дека работите не се такви какви што се претставени.
Одложувањето, или откажувањето на мирниот протест, уште повеќе, причините, сега отвораат други прашања и дилеми. За каква слобода и „добри“ и „лоши“ зборуваме, ако едните не смеат да излезат на мирен протест заради своите проблеми и права, поради страв дека другите ќе предизвикале тензии. Дури ни поговорката „паметниот попушта“ која се врти на социјалните мрежи, тука не поминува, бидејќи таквата логика и практика, кога се изразува протест, во иднина може само да ги охрабри „тензичарите“, да загушат секој обид или најава на борба за своите права. Конечно, протестот беше закажан да ги разбуди институциите. Наместо тоа „олеснувачите“ кои сигурно влијаеле кај мирните граѓани да се одложи протестот, можеле и требале да поработат таму од каде доаѓа опасноста за тензии, и да издејствуваат протестот да биде заеднички, да му се придружат сите. Бидејќи така се гради соживот и така кога ќе се зауздаат насилствата, ситниот и крупниот криминал, користа ќе биде заедничка и оправдана.
Затоа денеска требаше да се јават челниците на ПДПР и на невладините организации и други претставници на жителите од трите населби и од Ромското Маало, да го поддржат протестот, па и да му се приклучат, зошто насилството и криминалот се заеднички проблем на сите, а мирот, јавниот ред и слободите, подеднакво право. Така ќе им дадеа до знаење на создавачите на тензии, дека местото не им е меѓу нив, во ни едно маало.
Дури и првите луѓе од општината, кои во изминатите месец-два, засебно се среќаваа со учесниците на протестите и со претставнците на политичките партии, заборавија дека проблемот е заеднички, или би требало да е заеднички, па наместо заедничкопомирувачки средби, делеа лекции, кој бил повеќе а кој помалку конструктивен, што повеќе наликуваше на политика, отколку на смирувачко дејствување.
Затоа, нема потреба од заплашување или страв од тензии, ниту ограничување на правата на една за сметка на други. Затишувањето нема да ги реши проблемите во градот, само ќе ги одложи.