Законот завладеа во Трајаново Трло, полицијата со 17 кривични пријави против насилниците
ПО ТЕНЗИЧНИТЕ НАСТАНИ ВО И ОКОЛУ ТРАЈАНОВО ТРЛО, КОИ ЈА ВОЗНЕМИРИЈА КОЧАНСКАТА И ПОШИРОКАТА ЈАВНОСТ, ПОЛИЦИЈАТА СО ОДЛУЧНИ ДЕЈСТВИЈА ЗА ОТКРИВАЊЕ НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО ФИЗИЧКИТЕ НАПАДИ И ПРЕСМЕТКИ, И ПОДНЕСУВАЊЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ КОН ПРЕКРШИТЕЛИТЕ НА ЗАКОНОТ. ИАКО ЈАВНОСТА САМО ДЕЛУМНО БЕШЕ ИНФОРМИРАНА ЗА „ВОЈНАТА“ ШТО СЕ ВОДЕЛА НА 11. АПРИЛ, СЕГА НА ПОВРШИНА ИЗЛЕГУВААТ СЕРИОЗНИ ПРЕСМЕТКИ ЗА КОИ ЌЕ СЕ ОДГОВАРА ПРЕД ЗАКОНОТ.
Десетина дена по драматичните настани, проследени со насилство и физички пресметки во населбата Трајаново Трло, кои ја разбрануваа пошироката јавност, Одделението за внатрешни работи во соработка со Основното јавно обвинителство во Кочани сеуште работат на нивно целосно расчистување. Штипскиот СВР деновиве поднесе пет кривични пријави за учесниците во пресметките.
Две кривични пријави поднесе и Одделението за внатрешни работи во Кочани и тоа против триесетиедногодишниот М.В. и четириесетишестгодишниот С.Д. двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Тие на 11. април, во дворот од семејна куќа на А.Н. и И.В, со дрвени предмети го оштетиле патничкото моторно возило марка „опел“, искршиле стакла на куќата, а потоа и физички ги нападнале оштетените.
Покрај овие, до Основното јавно обвинителство во Кочани поднесена е кривична пријава и против дваесетитригодишниот А.В. од Кочани, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Според полицијата, „пријавениот на 11.април, околу 19.30 часот во близина на неговата куќа со вклучена моторна пила се заканувал дека ќе ги нападне Н.Н. и уште неколку лица“.
Кривична пријава од полицијата за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ заработија и дваесетгодишните Н.Н. и А.Н. од Кочани. Од СВР во Штип соопштуваат дека „Пријавените на 11.април, околу 20.00 часот на улица во Кочани го пресретнале М.В. и физички го нападнале со дрвен предмет, нанесувајќи му тешка телесна повреда“.
И покрај поднесените вкупно седумнаесет кривични пријави против учесници во тензичните настани, полицијата сеуште спроведува истрага за утврдување кривична одговорност кај други лица кои употребиле сила при пресметките во и околу Трајаново Трло.