Преку Јапонски кујни, кочанскиот ориз ќе ја освојува Европа
КОЧАНСКИОТ ОРИЗ МОЖЕ ДА ГИ ОСВОИ ЕВРОПСКИТЕ ПАЗАРИ ПРЕКУ ЈАПОНСКИТЕ РЕСТОРАНИ, ПРЕПОРАЧУВА ДИПЛОМАТОТ ВО ТИРАНА ОД ЗЕМЈАТА НА ИЗГРЕЈСОНЦЕТО. ИДЕНТИЧНИОТ КВАЛИТЕТ НА КОЧАНСКОТО БЕЛО ЗЛАТО СО ОНОЈ НА ОРИЗОТ ВО ЗЕМЈАТА НА ТЕХНОЛОШКИТЕ ДОСТИГНУВАЊА, Е АРГУМЕНТ КОЈ ДОМАШНИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ И ПРЕРАБОТУВАЧИ МОЖАТ И МОРА ДА ГО ИСКОРИСТАТ.
Колку никој во државата и во општината не се интересира за суштинските прашања и проблеми на граѓаните зборува речиси никаквиот одек на иницијативата на Македонскиот и на Јапонскиот амбасадор во Тирана, кочанскиот ориз да се понуди и пласира во рестораните низ европските метрополи, а чии сопственици се од земјата на изгрејсонцето. Иако бројот на такви, главно репрезентативни угостителски објекти, никој не го соопштува, јасно е дека се работи за голем извозен вентил, кој може да го реши проблемот со суфицитот на ориз во нашата држава. Но за тоа суштинско прашање ги нема да се произнесат локалните здруженија на оризопроизводители, а уште помалку на преработувачи, или пак евентуално општините во Кочанската Котлина.
Едно е сигурно, квалитативното изедначување на кочанскиот ориз со јапонскиот, според вкусот и познавањата на оваа специфична земјоделска култура од страна на јапонскиот амбасадор во Тирана, само по себе е комплимент кој треба многу да им значи на производителите, и да претставува аргумент кој мора да се искористи. Јапонците сигурно знаат за кинеските сорти, за турските, за индиските и тајванските, но дипломатот со јапонскиот ориз го изедначил-кочанскиот. Тоа е претпоставка дека преку јапонските кулинари кочанскиот ориз може да се пробие и во други национални кујни распространети во евро-метрополите и да биде баран производ со предиспозиции да ја освои Европа. Опцијата трговците да го направат првиот чекор, а понатаму квалитетот да ја заврши другата работа, има реална шанса да се верува дека кочанското бело злато може да доживее вистинска ренесанса во производството на овдешното специфично поднебје и почва.
Во целата приказна можеби треба да се вклучат и некогаш револуционерните иницијативи и почетоци за производство на природно витаминизиран ориз, парбојлед, за кој сигурно постои и пософистицирана технологија од тогаш инсталираната, и гладен пазар во развиените земји.