Какви грб и знаме, и кога ќе ги добие Општина Кочани ?
ПО ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ЗАМЕНА НА АКТУЕЛНИТЕ ГРБ И ЗНАМЕ НА ОПШТИНА КОЧАНИ СО, СПОРЕД ВЛАСТА, НОВИ И ПОУВАБИ, КОЈА РЕЗУЛТИРАШЕ СО КОНКУРС КОЈ ИСТЕЧЕ НА 9 АПРИЛ, ГРАЃАНИТЕ ЧЕКААТ КОГА ЌЕ ГИ ВИДАТ НА ПРОПИШАНИТЕ МЕСТА И НА ЈАРБОЛИТЕ. ЗАСЕГА НЕМА ИНФОРМАЦИИ ДАЛИ И КОЛКУ ТРУДОВИ ПРИСТИГНАЛЕ И ДАЛИ ГИ ИСПОЛНУВААТ КРИТЕРИУМИТЕ.
На 9. Април истече рокот по конкурсот за идејни решенија за изменување на грбот и знамето на Општина Кочани. Од општината засега нема информации дали и колку трудови се пристигнати, како и дали има прелиминарен избор на некое решение. Комисија за утврдување предлози за грб и знаме на Општина Кочани има одговорна задача да ги разгледа понудените решенија, да утврди дали ги исполнуваат условите предвидени во конкурсот и да му предложи на советот на Општината да одлучува за нив.
Изработувачите на предлог решенијата кои ќе победат на конкурсот ќе добијат по 10.000 денари за секој симбол, или вкупно 20.000 денари за знамето и за грбот.
Откако целата постапка ќе заврши, и доколку бидат усвоени новите симболи, новиот грб и знаме на Општина Кочани, ќе можат да се употребуваат по нивниот упис во Регистарот на грбови и знамиња на општините во Република Северна Македонија. Тоа значи дека сегашниот грб и знаме ќе заминат во историјата, засекогаш или привремено, а затечените примероци и количини, најверојатно ќе завршат на некоја депонија.