При златна кокошка, без златни јајца
ИАКО КОЧАНИ ВО ГЕОТЕРМАЛНИТЕ ИЗВОРИ ИМА ЗЛАТКА КОКОШКА, СЕПАК ТАА СЕУШТЕ НЕ ИМ НОСИ ЗЛАТНИ ЈАЈЦА НА ОПШТИНАТА И НА ДРЖАВАТА. ЗОШТО СТРУЧЊАЦИТЕ ОД ГРАДОТ И ПОШИРОКО, НЕ СЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ, НЕ ЗНААТ ИЛИ НЕ МОЖАТ ДА ГО ЕФЕКТУИРААТ БОГАТСТВОТО КОЕ ИМ Е В РАЦЕ, ВО БАЊОЛОШКИ И ДРУГИ ПРОФИТАБИЛНИ БИЗНИСИ
Изгледа не и било пишано на кочанската златна кокошка да пронесе златни јајца и во овој мандат на локалната власт. Геотермалните води со изворна температура од 78 Целзиусови степени, преку геотермалниот систем, во кој се инвестирани над дваесетина милиони евра, главно Австриски пари, и понатаму преку неконтролирана експлоатација, ќе ги греат неколкуте застарени оранжерии и објекти на институции, и ќе се испуштаат со недоискористена енергија. Без притоа некој да направи анализа за исплатливоста или неисплатливоста, како и за векот на експлоатација.
А желби и одредени заложби од време на време, има, и се пројавуваат. Актуелниот градоначалник Николчо Илијев на почетокот на својот мандат со доза на оптимизам најавуваше конкретни разговори со странски инвеститори кои биле заинтересирани да вложуваат во развој на бањолошки капацитети и туризам, меѓутоа карактеристично за нашата баналност, ДУП и ГУП лавиринти се непремостливата пречка.
Како што сега стојат работите, кочанчани уште долго ќе чекаат за да се избањаат во базен или под туш, со лековитата вода. Уште помалку да се реализира идејата за искористување на топлата вода за производство на електрична енергија. Како и да е, се чини дека, дури да дојде ред ова природно богатство, кое енергетските стручњаци го споредуваат со извор на нафта со издашност од 2-3 литри во секунда, да се ефектуира во највносниот бизнис-бањологијата, истото може да пресуши. Особено ако се знае како кон него се однесуваат поедини концесионери, на кои им е битен само раноградинарскиот профит.
Народот вели, тие што немаат топла вода, прават се да дојдат до неа, а тие што ја имаат како дар од природата, прават се да ја пресушат. По што на крајот на краиштата се добива впечаток дека овој град навистина не знае што да прави со енергенсот од непроценлива вредност.