Водата од „Калиманци“ – во куќите на Ул. „Македонска“

ВОДАТА ЗА НАВОДНУВАЊЕ ОД ДЕСНИОТ МАГИСТРАЛЕН КАНАЛ, НАМЕСТО ВО ПОЛИЊАТА, ЗАВРШИ ВО КУЌИТЕ И ДВОРОВИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ НА УЛИЦАТА „МАКЕДОНСКА“ ВО УСОВА ЧЕШМА. ПОРАДИ ЗАТНАТИ РЕШЕТКИ КАЈ НЕКОГАШНАТА КАСАРНА, ВОДАТА СЕ ИЗЛЕА И ПОПЛАВИ ПОДРУМСКИ ПРОСТОРИИ, ДВОРНИ МЕСТА И ЈАВНИ ПОВРШИНИ. ГРАЃАНИТЕ ГНЕВНИ НА НЕОДГОВОРНИОТ ОДНОС НА НАДЛЕЖНИТЕ И СЕ ЗАКАНУВААТ СО ТУЖБИ ПОРАДИ ПРЕТРПЕНИТЕ ШТЕТИ. ВО ТЕКОТ НА ЕДНА НАВОДНИТЕЛНА СЕЗОНА ВОДАТА ПО НЕКОЛКУ ПАТИ СЕ ИЗЛЕВА И ГИ ПОПЛАВУВА.

Старт со инцидент на наводнителната сезона на десниот магистрален канал со кој стопанисува Водостопанство Брегалница. На потегот пред влезот во некогашната касарна, каде каналот влегува во подземен тунел и се поставени метални решетки, дојде до излевање на водата која се дистрибуира од Браната Калиманци и поплавување на подрумски простории од семејни куќи, дворни места и други јавни површини. Причината е во натрупувањето на отпадни остатоци од земјоделски култури и други предмети, кои предизвикале запушување на решетките и намалување на пропусната моќ.

Екипи на Водостопанство Брегалница од вчера и денеска се на терен и го расчистуваат пропустот на каналот кај некогашната касарна, велат од претпријатието. Неколку дена, пред да биде пуштена водата во каналската мрежа детално се исчистени сите каналски решетки. Од ВП Брегалница вината ја префрлаат на неодговорноста на граѓаните кои фрлаат отпад во каналот.

Жителите на улицата Македонска, од вчера со водни пумпи ја испумпуваат водата од подрумските простории, а денеска ќе ги утврдуваат штетите. Истакнуваат дека ова не е прв случај, туку дека често доаѓа до затнување на решетките и излевање на водата, кои се принудени самите да ги чистат за да се спасат од поплави. Регаирале во повеќе наврати кај одговорните во Водостопанство Брегалница, ама проблемот останува без решение.  Некои размислуваат да го тужат Водостопанство Брегалница, бидејќи штетите се повторуваат на извесен период и се се поголеми.

Сподели: