Кружните текови – решение или комплицирање на сообраќајот, моторен и пешачки.

Кочани до крајот на мандатот на актуелниот градоначалник ќе се претвори во град на кружни текови, бидејќи како што се одвиваат активностите, ќе нема крстосница во потесното градско подрачје на која нема да се вози кружно. Како сето тоа ќе се одрази врз функционирањето на сообраќајот, сеуште е тешко да се каже. Особено поради одсуството на валидни објаснувања од страна на стручњаци од сферата на сообраќајот, кои детално би и објасниле на јавноста што се добива со кружното возење. Потребата од адекватна анализа на одвивањето на сообраќајот, како на возилата, така и на велосипедистите, мотоциклистите и особено на пешаците, е повеќе од потребна, бидејќи меѓу другото ќе ги елиминира сомневањата и поделените мислења околу функционалноста на овие решенија.

Нашиот обид денеска, во пазарен ден, да реализираме анкета меѓу граѓаните, кои се директни учесници во сообраќајот, остана безуспешен, бидејќи кочанци ни под разно не сакаат јавно да зборуваат за заедничките проблеми. Во директен разговор без снимање критикуваат, даваат негативни оценки, но се плашат јавно да проговорат, кој за бараката, кој за тезгата, кој за нешто трето.

Единствено кај кружниот тек близу Агенцијата за вработување еден од жителите кои оваде живеат во семејна куќа се пожали дека им се нарушени влезовите, а на самата улица во услови на врнежи се прави езеро, кое им создава проблеми и на возачите и на пешаците

Изјава Јане ….

За други е спорно тоа што двата кружни тека им го комплицираат движењето на пешаците, кои мора да вртат наоколу за да пронајдат пешачки премин. Особено ќе биде проблематично кога учениците ќе тргнат на училиште. Проблем е и што кружните текови се изместени од оската на булеварот, и што има деловни објекти, па возачите мора да бидат вистински уметници да се снајдат.

За кружниот тек кој започна да се гради кај автобуската станица, граѓаните коментираат дека ниту е потребен, ниту е функционален, бидејќи овде нема крстосница. Плус, за да се направи каков-таков кружен тек се зафаќа од тротоарската површина пред маркетот и зеленото пазарче, што ги засега пред се пешаците, а потоа и дуќанџиите. Граѓаните се чудат зошто ќе се гради кружен тек и кај Шумското стопанство Осогово, кога се знае дека таму на третиот крак фреквенцијата на возила е сосема мала и не го кочи одвивањето на сообраќајот по булеварот Тодосија Паунов. Некои коментираат дека залудно се фрлаат народни пари, и каде треба и каде не треба.

Сподели: