Градоначалниче, не е се во асфалтот … ?
Случајот со заборавниот екс-извршен директор на Драмскиот аматерски фестивал, кој со децении традиционално се одржува во Кочани, кој откако се откажал од функцијата, не се сетил да аплицира во Министерството за култура за финансиска поддршка вредна околу 600.000 денари, е сериозен сигнал дека во општината нешто не функционира како што треба. Доколку оваа вест проструеше на национално ниво, срамот ќе беше поголем, но не само за екс-директорот, туку за градот и за неговите први луѓе. Како онаа со набавката на полупрофесионално концертно пијано, за кое вработените во ОМУ „Ристо Јуруков“ добија честитки дека го добиле, за нешто подоцна да биде повлечено како сопственост и управување на општината. Ако кон тоа се додаде дека многу конци се испуштени од рака и во делот на спортот и спортските клубови, од кои голем број згаснаа, па и во многу други сегменти кои го прават мозаикот на функционирањето на една општина, тогаш неминовно се наметнува прашањето, која всушност е улогата на првиот човек на општината. Очигледно не е се во асфалтот, бехатон плочките и малтерот …
Бидејќи ДАФ е државна манифестација, зад која со значаен износ на средства стои и Општина Кочани, а организирана од Здружение на граѓани, логично би било градоначалникот да има проактивен однос, односно да е во тек околу организацијата, поддршката, создавањето услови, ама … Како и по шокантната вест за мини-хидроцентралата на Мала Река, така и за заборавниот екс-директор, првите луѓе на општината дознаваат на седница на Советот.
Дека не е се само во асфалтот, опоменува згаснувањето на ЖФК Младост Иднина С, на двата футсал клуба, на женската и машката кошарка, на третолигашките фудбалски клубови, на борењето, и така натаму. Апсурдот да биде поголем, наместо локалните спортови и клубови, финансика поддршка добива авто трка на патот кон Пониква, од која градот нема речиси никаква придобивка. Очигледно многу коцки на тоа што треба да биде мозаик на Општина Кочани, не се на своите места.