Хаотична сеидба на оризот во облешевско

ГЛАВНА ТЕМА НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ОПШТИНА ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО ДЕНОВИВЕ Е СЕИДБАТА НА ОРИЗОТ КОЈА СЕ ОДВИВА ДЕЗОРГАНИЗИРАНО И СО МНГУ ПРОБЛЕМИ И ДОДАТНИ ТРОШОЦИ. ПОЛЕТО Е ШАРЕНО КАКО НИКОГАШ ПОРАНО, БИДЕЈЌИ ВОДА ПУШТА КОЈ КАКО ЌЕ СТИГНЕ, А ВОДАРИ НЕМА ДОВОЛНО ЗА ДА ГО РЕГУЛИРААТ НАВОДНУВАЊЕТО. ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ САМИ ЗАФАЌААТ БЕНТОВИ, САМИ ЗАТРУПУВААТ ВАДИ И НА КРАЈ МОЖЕБИ ЌЕ СЕ ИСПОТЕПААТ, БИДЕЈЌИ ДИРЕКТОРОТ НА ВОДОСТОПАНСТВО БРЕГАЛНИЦА НИКАДЕ ГО НЕМА. ВО ОПШТИНАТА ВЕЛАТ СО ТРАКТОР И ЛАСЕР РАМНИ НИВИ И ЗАРАБОТУВА.

Станува ли сеидбата на оризот кошмар за земјоделците од општина Чешиново-Облешево, поради бројните проблеми околу наводнувањето ? Производителите велат дека ваков хаос не виделе до сега.

Првите луѓе на општината истакнуваат дека сеидбата е целосно дезорганизирана и доцни. Но уште поголем проблем е што поради непланско пуштање на водата во нивите, едни се полни, други само влажни, а трети сосема суви, поради што плевелите никнале и ги раззелениле, а употребените препарати практично се фрлени пари. Најголем број од земјоделците се принудени повторно да ги тањираат нивите за да ги уништат плевелите, а подоцна ќе мора уште еднаш да прскаат, што е нов трошок.

Поради тоа што нема доволно водари, земјоделците сами зафаќаат бентови и ја свртуваат водата во нивите. Некои дежураат во ноќните часови да ја искористат водата за да ги наполнат своите површини и да посеат на време. Други се во безизлезна ситуација, бидејќи плевелите поникнале како ливада, ама поради опкруженост на нивата со вода од сите страни, не е можно повторно тањирање и третирање, па ќе мора да сеат врз просото кое е во напредна фаза.

Земјоделците велат дека нема на кого да се пожалат, бидејќи тие што се одговорни ги немало на терен.

Сподели: