Кружни текови – каде што треба, или каде што може !?

Со каква интенција е градењето на кружни текови по Булеварот Тодосија Паунов, на неговиот творец покојниот Тодосија Паунов ? Посебно од аспект на дилемата меѓу граѓаните – дали се градат каде што е потребно, или каде што има колку-толку место, односно, каде што може. Ако интенцијата е да се возиме, поточно да се вртиме во круг, тогаш ништо ново, бидејќи ние и без тоа со години се вртиме во круг без да го фатиме вистинскиот правец и да ја намериме вистинската цел.

По логиката на кружните текови кај Автобуската станица и кај Шумското стопанство, каде се градат на булевар и еден приклучен крак, со возна должина од стотина метри во првиот, и можеби нешто повеќе во вториот случај, тогаш такви сообраќајни решенија можат да се дефинираат на можеби уште педесетина сообраќајници со такви и слични предуслови. Буквално во секоја населба постојат по неколку крстосници кои „плачат“ за кружен тек, од Усова Чешма преку Трајаново Трло, Шатровик, Ромското Маало, Доклевец, Бавчалукот, централното градско подрачје, Стришани, Тикешински лозја, Валог, се до Драчевик, и тоа со вкрстување од четири страни.

Тоа што помелку или повеќе е нелогично, е што на околу еден километар булевар се изградени или се градат пет кружници. Прашање е дали во државава има друг град со толку кружни, или можеби Кочани најде нешто по што ќе е прв.

Инаку, кога би се анализирала функцијата на кружниот тек кај автобуската, се добива впечаток дека тој се гради само за автобусите на Авто Атом, кои тука скршнуваат или се вклучуваат од и кон булеварот. Жртва на тој „сообраќаен комодитет“ е осакатениот простор и тротоарот пред зеленото пазарче, маркетот и бараките, кој од аспект на пешаците е најфреквентен. Но, за да не се остави секој да биде архитект на сообраќајната инфраструктура, би било корисно одговорните да ги повикаат стручните лица да им објаснат на кочанчани што добиваат (а што губат) со кружното возење, како возачите, така и велосипедистите, мотоциклистите и пешаците.    

Сподели: