Напатените со барикади се бранеа од поплавите

ПОПЛАВЕНИТЕ УЛИЦИ ВО ПОВЕЌЕ ДЕЛОВИ ОД ГРАДОТ СЕ ИЗЛЕАЈА И ВО ДВОРНИ МЕСТА И СЕМЕЈНИ ЌУЌИ, КАДЕ ПРЕДИЗВИКАА ПОМАЛИ ШТЕТИ. ШТЕТИ ПРЕДИЗВИКАА И ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ПРАЗНЕЊА И СЛАБИОТ ГРАД. ГРАЃАНИТЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ГИ ПОВИКУВАА НАДЛЕЖНИТЕ ДА ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ СО ПОРОИТЕ, КОИ СЕ ОПСНОСТ ОД ПОПОЛАВУВАЊЕ ВО ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ.

Синоќешното невреме повторно им создаде главоболки на поедини граѓани, чии дворни места и домови беа помалку или повеќе поплавени. На социјалните мрежи можеа да се прочитаат жестоки реакции на револтирани граѓани, кои евидентирале штети од пороите по улиците. Наши сограѓани во текот на денот ни испратија снимки и фотографии, како се справувале со поплавените улици и поставувале бариери да ги спасат домовите од поголеми поплавувања. Тие ги повикуваат надлежните да ги решат проблемите со поплавувањата од пороите, особено во централното градско подрачје, каде атмосферската вода дотекува од високите зони, и со себе носи отпадни материи.

На повеќе локации од шахтите извираше вода, која поради затнатост и намалената пропусна моќ, не се канализира. Покрај тоа, повеќе улици осамнаа со наноси од песок и разни отпадни материи, кои синоќа пливаа со надојдените води, главно од повисоките места во градот.

Инаку, синоќешното невреме проследено со чести електрични празнења предизвика помали штети кај електричните уреди во домаќинствата, а повремениот град остави видливи траги врз  растенијата на отворено.

Сподели: