Стоп за малите хидроцентрали, судски или спогодбено

Иако засега нема информации дали и концесиите за малите хидроцентрали што треба да се градат над Браната „Гратче“ и на Шталковичка река кај Турско рударе, ќе бидат повлечени. Меѓутоа, по вчерашната изјава на Премиерот Зоран Заев, дека Владата размислува да повлече поголем дел од концесиите за мали хидроцентрали, односно дека ќе се преиспитуваат концесиите таму каде не се почитувани стандардите и оние во заштитени подрачја, станува извесно дека граѓанските активисти ќе ја добијат битката околу овие енергетски капацитети..

Во изјавата се вели дека се очекува за некои од инвеститорите што концесиите ги добиле пред неколку години постапката да завршат на суд, а со други и вонсудски да се спогодат.

Одземањето на дел од концесиите на малите хидроцентрали не значи дека Владата  целосно се откажува од нив. За премиерот тие остануваат значаен сегмент во обновливите извори на енергија.

Без оглед на тоа дали и концесиите за минихидроцентралите на Мала Река, и на Шталковичка река кај Турско рударе, ќе бидат повлечени, граѓанските активисти веќе се борат против нивната изградба, најавуваат референдум и организирање протести. Еколозите од своја сгтрана уште на стартот на подготвителните работи предупредија дека со малите хидроцентрали ќе се уништи животната средина.

Фрапантно е и тоа што зелените организации во државата сметаат дека граѓаните ја субвенционираат изградбата на малите хидроцентрали преку сметките за струја, и дека дури  90% од нив би биле нерентабилни без државни субвенции. Некои светски истражувања велат дека во медитеранскиот регион енергијата што реално се користи од малите хидроцентрали е помала од еден процент. Прашањето е, зошто тогаш толкава упорност кај инвеститорите и кај надлежните за изградба на истите, и дали можеби големите профити остварени во последната декада од малите електроенергетски објекти, кријат и други дејствија.

Сподели: