Три месеци рок за загадувачите
ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ВО АКЦИЈА ЗА ОТКРИВАЊЕ НА КАНАЛИ КОИ СЕ ЗАГАДУВАНИ СО ИНДУСТРИСКИ И ДРУГИ ОТПАДНИ ВОДИ. НЕКОЛКУ ФИРМИ КОИ РАБОТЕЛЕ БЕЗ БИЛО КАКВИ ЕКОЛОШКИ СТАНДАРДИ ЌЕ МОРА ВО РОК ОД 90 ДЕНА ДА ИЗРАБОТАТ ЕЛАБОРАТИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА.
Државниот инспекторат за животна средина, по пријавување за загадување на водите во Кочанско, спроведе надзор на посочените локации на западниот и источниот дел на градот, при што, како што информираат од инспекторатот, во западната индустриска зона, немало основ за постапување бидејќи станува збор за излевање по обилните дождови. Во источната индустриска зона пет инсталации работеле без никакви еколошки стандарди и тие се задолжени во рок од 90 дена да изработат и добијат одобрување на Елаборат за заштита на животната средина.
Од ДИЖС, информираат дека не е точно дека индустријата во западниот дел на градот врши загадување на каналите за наводнување, бидејќи инсталациите, вклучувајќи ги преработката на млеко и текстил кои може да ги обојуваат отпадните води, се приклучени на колекторот и понатаму се пречистуваат во пречистителната станица.
Надзорот во источната индустриска зона, како што информираат од ДИЖС, опфатил девет правни лица, од кои само една инсталација (за производство на метални конструкции) е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, а останатите осум (стоваришта, конфекција, вулканизер, производство на запчаници и прехранбена индустрија) се во надлежност на овластен инспектор за животна средина.– Пет инсталации се задолжени од овластениот инспектор во законскиот рок од 90 дена да изработат и добијат одобрување на Елаборат за заштита на животната средина, бидејќи истите досега работеле без никакви еколошки стандарди. Во спротивно, ќе бидат соодветно санкционирани. Од оваа зона во отворен канал без пречистување се испуштаат отпадните води од Пејпар Мил (надлежност на државен инспектор), едно стовариште со сопствено автомеханичарско одржување на возен парк и конфекција (и двете во надлежност на локален инспектор). Останатите субјекти немаат отпадни води. Отворениот канал преминува во канал за наводнување во состав на Водостопанство Брегалница – подрачна единица Кочани. На делницата до м.в. Слатина водите од каналот се видно загадени, а потоа се разблажени со мешање на вода од Оризарска Река, се вели во соопштението од ДИЖС.