Околу малите хидроцентрали се вртат големи пари

Откако изградбата на Минихидроценралата на Мала Река ја разбранува кочанската јавност, многумина си го поставуваат прашањето, зошто инвеститорите се толку упорни да ги изградат овие енергетски објекти на толку мали реки, и каков профит носи произведената енергија? Плус прашањето, зошто најголем дел од нив се во рацете на мал број моќници во енергетскиот бизнис во државата ?

Еден од одговорите е дека малите хидроцентрали не се „ситна риба“. Тоа го потврдува извештајот на Институтот за комуникациски студии, според кој, иако малите хидроелектрани учествуваат со само 3,8 проценти во вкупно произведената електрична енергија во земјава за минатата година, за 11 години, 13 фирми со мали хидроелектрани, собрале приходи од речиси 80 милиони евра. На годишно ниво, тие имале приходи по 6,2 милиони евра, а месечно по над половина милион евра. Податоците од МЕПСО пак велат дека за само 9 години четирите фирми, „Мали хидроелектрани“, „Горно Белички извори“, „Јабланица“ и „Студенчица“, оствариле приходи од над 22 милиони евра.

Сподели: