Кога општината ќе удри по граѓански активист …
Кога општината ќе почне да им се заканува на граѓанските активисти со тужби, тогаш тоа по автоматизам се сфаќа како замолчување на тие што треба да им бидат први соработници на локалните власти и што со своите активности одработуваат за нив. Бидејќи ефективното функционирање на локалната заедница е невозможно без граѓанскиот сегмент, кој во основа е волонтерски, и како таков можеби и најпрогресивен.
Тоа што од Ана Симионова е побарано извинување, како услов и закана да не биде тужена, е прв и по многу нешта единствен случај во Општината. Пораката е испратена и граѓаните ја примија – не се занимавај со граѓански активизам, ќе заработиш тужба! Од друга страна, активистката правно непоткована и оставена на ветрометина, очекувано експресно го испорачала извинувањето, што веројатно ќе ја спаси од тужба од нејзината општина. Но, не е нормално, покрај барањето извинување општината или поедини службеници во неа, да ја етикетираат активистката како извор на „континуирани дезинформации, пропаганда со умисла, упатува на коруптивни активности, шири лажни вести…“. Особено не за „коските од кучиња“ кои и создале трошок на Општината. Не, да ги повикуваат граѓаните да не и веруваат. Бидејќи граѓанските активисти не може да бидат и правници и стручни економисти, и експерти екологисти. (Па и првите луѓе на општината беа на белата вода во Оризарска река, направија трошок, ама им беше кажано дека тоа не било загадување). Ваквата комуникација за најзначајната институција во Општината е недозволива, цитат: Во март оваа година, Ана Симонова преку социјалните мрежи објавуваше и понижувачки …,, … за што, за да ја избегне правната одговорност, јавно се извинуваше.. И, Општина Кочани ги известува граѓаните да бидат внимателни кон објавитe и да пристапуваат со поверка на факти по изнесените информации од претседателката на Здружението „Грин.орг“ и фејсбук-групата „Кочани со срце за чист воздух, вода, почва“.
А, ако имало добри намери, ако едните не биле големи а другите мали, двете страни можеле да седнат и да ги расчистат деталите околу (не)уплатените средства за концесијата за Мала река, без да летаат закани.
Сега останува да се размрси клопчето, за да се види кој и дали ширел лажни вести, колку се тие лажни, а колку непрецизни, кој е одговорен за неинформираноста на јавноста со детали околу овој проблем, и конечно, дали можеби сега ќе треба извинувањето да оди во спротивна насока. Особено по изјавата на сопственикот на ДИС Енергија за Слободен печат, дека во 2018 година уплатил 30.000 евра на државата, за концесијата за Мала Река, ама не знае и не го интересира каде тие завршуваат. Посебно чудно е што при плаќањето на концесијата за Шталковичка река, во вирманот за уплата како налогопримач стоела Општина Пробиштип. Значи, логично би било дека и на вирманот за Мала Река, требало да стои дека налогопримач е Општина Кочани. Но и да не стоела, услов да го потпиша договорот концесионерот е претходно да ги уплатил средствата, што како законска процедура, во општината морале да го знаат.
На прашањето, дали ДИС Енергија уплатила 30.000 евра за Мала Река, градоначалникот Илијев одговорил дека не знае за никаква уплата, а новинарот го упатил кај раководителот на службата за финансии. Токму затоа, ако парите се уплатени, како што тврдела Симионова, а во општината не знаат, тогаш очигледно треба да има нови извинувања.
Ова хипотетичко размрсување на клопчето добива на логичност бидејќи првите луѓе на општината дури по две-три години практицирање на власта, како што самите велат, случајно дознале дека ќе се гради минихидроцентрала на Мала Река.
И токму во време кога во општината дојде до закани со тужби, стигна информацијата од државниот врв дека можно е дозволите за некои мали хидроцентрали да се повлечат, и да се спречи нивната изградба, судски или спогодбено, особено во заштитените подрачја. Како, ако за Мала Река Обвинителството се произнесе дека се е чисто. И ормално, ако и тоа не е добивање време во изборна година.