Кочанска битка за Референдум против МХЦ на Мала Река
СО ПОДНЕСЕНАТА ИНИЦИЈАТИЗА ЗА РАСПИШУВАЊЕ РЕФЕРЕНДУМСКО ИЗЈАСНУВАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА И ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА МИНИХИДРОЦЕНТРАЛА НА МАЛА РЕКА, ЗДРУЖЕНИЕТО „ГРИН-ОРГ-КО“ МУ ЈА ФРЛИ ТОПКАТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНАТА ДА ОДЛУЧУВА ДАЛИ ЌЕ ЈА ПРИФАТИ ИЛИ ОТФРЛИ. СОВЕТНИЦИТЕ ВО ИЗМИНАТИТЕ МЕСЕЦИ СЕ ИЗЈАСНУВАА ГЛАВНО ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА ОВОЈ ЕНЕРГЕНТСКИ КАПАЦИТЕТ, ПРВЕНСТВЕНО ОД ЕКОЛОШКИ АСПЕКТ. ЗАДОЦНЕТОТО ДОЗНАВАЊЕ ЗА ХИДРОЦЕНТРАЛАТА ГИ СТАВИ ОПШТИНАТА И ДРЖАВАТА ПРЕД СВРШЕН ЧИН – АКО РЕФЕРЕНДУМОТ УСПЕЕ НА ИНВЕСТИТОРОТ ДА МУ ИСПЛАТАТ СКАПИ ПЕНАЛИ.
Ќе ја прифатат ли иницијативата на граѓанското здружение и претседателката Ана Симонова, за распишување референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за или против изградбата на минихидроцентрала на Мала Река, членовите на Советот на Општина Кочани, кои до сега декларативно се изјануваа дека таков енергетски објект е опасен за животната средина. Или можеби ќе и најдат маана на постапката, па ќе го одложат изјаснувањето на локалното население?Како што во моментот стојат работите, сега врелиот костен е во рацете на правната служба при локалната самоуправа, која треба да даде стручно мислење како референдумот да се спроведе. Дознаваме дека општинската администрација потврдила дека здружението „Грин-орг-ко“ доставило писмена иницијатива за распишување референдум, но со неа немало и потписи од граѓани и друга документација. па како таква е препратена до претседателот на Советот на Општина Кочани. Граѓанската иницијатива за организирање локален референдум очекува дека на овој начин ќе им се овозможи на граѓаните да го кажат сопствениот став дали се за или против енергетскиот капацитет. Меѓутоа суштинскиот проблем околу мини хидроцентралата на Мала Река е задоцнетата реакција на надлежните во Општина Кочани, кои за нејзината изградба дознаа дури во последната година од мандатот, откако беа издадени сите документи, мислења, елаборати и одобренија од надлежните институции и министерства, и откако концесионерот го платил надоместот од околу 30.000 евра, уште во 2018 година. Поради тоа што општинските фактори три години не знаеле за овој проект, што е несфатливо, и на јавноста и го соопштија дури минатата година, логично е и граѓанските здруженија задоцнето да го кренат гласот против малата хидроцентрала. И сега, доколку референдумот не успее, Кочани и заштитеното подрачје Осоговски Планини, ќе ја добијат првата минихидроцентрала. А доколку успее, пеналите кои треба да му се платат на инвеститорот, ќе ја чинат општината или државата позамашен износ на средства. Ама, што вели народот, кога се плаќа со народни пари, а не од џеб, многу е полесно да се поништат милионските договори. А дали некој ќе понесе одговорност …!?