Нов конкурс за грб и знаме на Кочани
НЕ ПОМИНА ПРВИОТ КОНКУРС ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ГРБОТ И ЗНАМЕТО НА ОПШТИНА КОЧАНИ. ОД ПРИСТИГНАТИТЕ СЕДУМ ПРЕДЛОЗИ, ОДНОСНО ТРУДОВИ, КОМИСИЈАТА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ГРБОТ И ЗНАМЕТО НЕ ПРИФАТИ НИТУ ЕДЕН И ПРЕДЛОЖИ РАСПИШУВАЊЕ НА НОВ КОНКУРС. НАГРАДАТА ПО СИМБОЛ ИЗНЕСУВА 10.000 ДЕНАРИ, ИЛИ ЗА ДВАТА ВКУПНО 20.000 ДЕНАРИ
Комисијата за утврдување предлози за изменување на грбот и знамето на општина Кочани не утврди предлог за изменување, односно не прифати нуту еден од седумте предлози за нов грб и ново знаме на Општина Кочани. Интересно е што четири шифрирани предлози се со датум од 7. Април, а три од 9.април 2021 година. Откако не е прифатен ниту еден од пристигнатите предлози, Комисијата му предложи на Советот на Општината да распише нов Конкурс за изработка на идејно решение за изменување на двата сиболи, што е прифатено на денешната седница.
Во повторениот Конкурс за изработка на идејно решение за изменување на грбот и знамето на општина Кочани се бара идејното решение да се разликува од грбот и знамето на Република Северна Македонија и од грбот и знамето на други градови и држави. При изработката на двата симбола да се имаат во предвид карактеристиките на општина Кочани : -историските традиции;, -културното наследство; -природата; -географските и стопанските карактеристики;
-Идејното решение за грб и знаме да биде во боја и тоа да бидат застапени максимум 4 (четири) бои (црната и белата не влегуваат во вкупниот број на бои), при што Грбот на општината може да биде еден од елементите на идејното решение за знаме на општината.
Наградата за идејните решенија за грбот и знамето на општина Кочани, изнесува поединечно за секој симбол по 10.000,00 денари.