Кога општината ги „жали“ медиумите-ја убива демократијата !

ТАМУ КАДЕ ОПШТИНАТА ГИ ЖАЛИ И БРАНИ МЕДИУМИТЕ И НОВИНАРИТЕ – ДЕМОКРАТИЈАТА Е УБИЕНА. ДАЛИ КОЧАНСКИОТ СЛУЧАЈ СО ИНФОРМАТИВНАТА ДЕЈНОСТ, ОБРЕМЕНЕТА СО СУДИР НА ИНТЕРЕСИ, Е ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ ОД МЕЃУНАРОДНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ?

Непотпишаниот допис, со меморандум на Општина Кочани и испратен од лицето задолжено за односи со јавноста, во кој општината изразува жалење што „медиуми, новинари и портали претрпеа јавен линч од Симионова …“ може да се толкува дека општината всушност ги брани претставниците на седмата сила од граѓанските активисти. Или едноставно ги става на своја страна. А во најразвиените демократии се смета дека таму каде општината, поточно власта, ги брани медиумите, демократијата е убиена. Затоа што во принцип, медиумите се еден вид независна или универзална опозиција на секоја власт. Во спротивно, таму каде ќе се здружат власта и медиумите, нема слобода на говор, нема професионално новинарство, нема објективно информирање на граѓаните. А нели и едните и другите постојат токму заради граѓаните.

Кочанскиот случај со информирањето одамна е за истражување на меѓународните институции во државава во областа на медиумите и новинарството, и тоа од повеќе аспекти. Прво, кој кого брани? Дали службеничката во Општината задолжена за односи со јавноста го брани, меѓу другите и медиумот во кој формалниот сопственик и главен и одговорен уредник, е нејзиниот сопруг, додека вистинскиот сопственик, заменик градоначалник и советник, седи во советничките клупи ? И зошто локалната власт дозволува тој судир на интереси, додатно оптоварен со информирањето кон МИА, непречено да функционира? Или пак работата е дојдена до таму, некој Општината да си ја смета за личен инструмент кој може да го користи за да се пресметува со неистомислениците и непослушните.

Второ, новинарите и порталите кои воопштено се посочени во општинското обраќање, имаат еден куп законски и други начини, самите да се одбранат, и притоа да се оградат од „жалењето“ на Општината, која патем веќе три години, е глува на нивните барања и не издвојува ниту денар за локалните медиуми. Истовремено, изложените на „јавниот линч“ ги имаат новинарските и медиумските здруженија и синдикати, и на крај судските институции, за да се одбранат. Конечно, ја имаат јавноста, а ги имаат и колегите на локално ниво, кои сигурно и во секоја прилика, ќе застанат зад професионалното новинарство.

Сподели: